Monday, February 7, 2011

Рекреација на младите во Република Македонија надвор од училиштето

Научно е докажано дека физичката активност има позитивно влијание врз здравјето на луѓето. Таа го совладува лошото расположение, како и појавата на депресија. Всушност, спортот позитивно влијае и поради тоа што помага да останеме во форма и притоа го намалува ризикот од болести. Во денешно време, голем дел од младите активно се занимаваат со спорт, не само во училиштето, туку и надвор од него исполнувајќи го своето слободно време.

Во нашата држава, спортови кои најчесто се практикуваат се фудбалот, кошарката, одбојката, ракометот, пливањето, тенисот итн. Постојат многу клубови каде што младите можат да се зачленат и да се занимаваат со овие спортови, распоредени во групи и категории, соодветно на нивната возраст. Се организираат натпревари каде што може да дојде до израз нивниот труд и, се разбира, за најдобрите се предвидуваат награди. 

Но, под рекреација се подразбира и практикување   на други физички активности. Како слободни рекреативни активности, кај нас се масовно застапени  велосипедизмот и пешачењето. Кај младите , возењето велосипед и ролерки е многу популарно, особено во пролетните и летните месеци, кога времето е потопло. Младите на тој начин се забавуваат и се рекреираат. На кејот на реката Вардар е направена убава современа велосипедска патека која се протега речиси по целата должина на градот. 

Освен тоа, голем процент од младата популација се занимава и со танцување, со класичен или модерен балет, латино танци, хип-хоп итн. Постојат многу натпревари, концерти, како и училишта во кои младите ќе можат да се усоврсуваат  во таа насока. Исто така, младите практикуваат пливање во неколкуте  базени во градот, а во текот на летото најголемиот дел од младата популација  ги посетува  нашите три природни езера, кои се истовремено и најатрактивните туристички дестинации во Македонија. Тоа се Охридското, Преспанското и Дојранското езеро. Во водите на Охридското езеро, секое лето се одржуваат најразлични натпревари, а најатрактивен е  Охридскиот маратон. Тој натпревар во маратонско пливање претставувал отскочна даска за многу успешни македонски пливачи.

Анкетата којашто ја направивме ни покажува дека младите најмногу се рекреираат во текот на пролетта и летото, што се објаснува со поволните метереолошки околности и со повеќе слободно време на распустот. Најпопуларни спортови кои се практикувани надвор од училиштето се кошарката, одбојката и фудбалот. Со нив се занимаваат и оние млади кои не тренираат во некој клуб, туку играат од задоволство со своите пријатели. Исто така, според анкетата, момчињата повеќе спортуваат од девојките.







No comments:

Post a Comment