Намачкани со масло, наперчени пред својот противник и подготвени за лута борба. Вака изгледаат пеливаните. За да се биде добар пеливан, многу е важна исхраната. Најмалку еден месец пред секоја борба, момчето треба да јаде само храна богата со јајца, млеко, мед и месо и да тренира по два-три часа на ден, и добро да се одмора и да спие.
Нивната главна одлика е горделивоста. Велат, чест е да се биде пеливан. Телата се мачкаат со сончогледов зејтин или со маслиново масло не само за да му ја отежнат работата на противникот, туку и да го заштити борачот од можни повреди. Традицијата на пеливанството кај нас е долга повеќе од шест века и благодарение на многуте млади луѓе што се фасцинирани од техниките на оваа боречка дисциплина, таа и денес живее.
Умешноста да се зграпчи и задржи противникот додека ви се лизгаат рацете го прават пеливанството да биде поинтересно од било која друга боречка дисциплина. Речиси сите борби се одвиваат под необичниот пискот и татнеж на зурлите и на тапаните, а пеливаните како да ги следат тие музички ритми, па своите движења ги прават по ист такт како и музиката.
За да се биде добар пеливан потребно многу тренирање и посветеност уште од најмали нозе, а најдобро е да се почне уште на десетгодишна возраст
„Народот вели, да даде Господ да бидеш пеливан, што значи да си убав, да си здрав, да можеш да се бориш и да победиш“, изјави Боро Лазаревски, генералениот секретар на Пеливанска федерација на РМ.
Правилата се едноставни, победник е оној кој ќе успее да го легне на грб својот противник. Но, маслото со кое се намачкани дополнително им ја отежнува работата.
„Подобро е да се мачкаме со зејтин, така нема повреди. Со масло лизга многу“, изјави еден пеливан.
Традиционален турнир во пеливанство во велешко Бузалково
50-тина момчиња поделени во пет категории ги одмеруваа силите меѓу себе. Пеливаните се борат, а гледачите ги бодрат своите фаворити и уживаат во борбите. А кој ќе победи?
„Тоа не се знае, тоа е лотарија, да видиме. Посилниот секогаш победува“, изјави еден од гледачите.
Турнирот во Бузалково е еден од 30-те кои годишно се одржуваат во земјава.
No comments:
Post a Comment