Monday, November 22, 2010

Атина Бојаџи – Македонска спортска легенда

Во нашето училиште имавме средба со госпоѓата Атина Бојаџи , жива легенда на македонското маратонско пливање, во светот особено позната  по тоа што го препливала каналот Ла Манш. Таа накратко ни ја раскажа својата животна приказна.

 Родена е во Охрид во 1944 година. Нејзиниот талент и желба за пливање дошле до израз мошне рано. Уште на 11 години успеала да собори неколку рекорди во пливање на кратки патеки. Атина Бојаџи ни раскажа за нејзините искуства и доживувања во текот на нејзината пливачка кариера. Целосно посветена на пливањето,секој ден имала по два тренинзи. Станала светски првак во пливање во слатки води на возраст од само 18 години. Подоцна станала и првак во пливање во солени води со препливувањето на патеката Капри-Неапол.

Атина Бојаџи е првата жена на Балканот што го препливала Ла Манш, на возраст од 25 години. Таа детално ни го раскажа целиот тек на тој голем потфат. Под голем притисок, бидејќи цела држава  очекувала од неа да го преплива каналот се борела со студената вода, со долгата патека,со големи и честопати непредвидливи морски струи и големи бранови. Ни раскажа и колку тешко ги препливала последните 3 километри, кога се појавила северна струја која ја заковала за место. И покрај сите пречки кои и се нашле на патот, не ни помислила да се откаже. Затоа како предуслов за успех, таа ја наведе упорноста и љубовта кон она што го работиме. 

На прашањето од кого добивала најмногу поддршка, ни одговори дека тоа е нејзиното семејство, но пред се нејзиниот сопруг,кој бил нејзин личен тренер, ја придружувал на Ла Манш и секогаш покажувал големо разбирање за нејзината работа.  Освен тоа, гопспѓата Бојаџи  ни кажа дека голема поддршка добивала и од народот. Љубовта која ја добивала од луѓето околу неа, нема никогаш да ја заборави. Ја прашавме и за застапеноста на допингот во времето во кое таа спортувала на што ни одговори дека ,кога таа била активен спортист не ни знаела што е тоа допинг, а допинг контроли не ни се правеле, бидејќи , како што кажа , никој не ни користел. Ја прашавме колку пати го препливала Охридското Езеро и таа ни одговори дека не знае. Секое лето, секој тренинг и се состоел од пливање на различни растојанија, меѓу различни плажи. Па, затоа не знае ни самата колку пати го препливала езерото.

За препливувањето на Ла Манш, односно за подвигот на Атина Бојаџи во 1975-та година е снимен и играниот филм  “Исправи се Делфина.” Нашата гостинка  ни раскажа и за нејзиниот придонес за снимањето на филмот. Таа вели дека во тој филм е пресликана нејзината спортска кариера. Атина била многу почестена и среќна со снимањето на филмот, но имало и некои работи кои и пречеле. Приватниот живот на Атина во филмот е целосно сменет. “Кога го препливав Ла Манш,  јас имав и сопруг и дете” – вели таа. Нејзината пливачка кариера траела до 29-та година од нејзиниот живот, а потоа  продолжила да работи како тренер, најнапред во белградскиот клуб “Црвена звезда”, а потоа и во еден спортски центар во Лос Анџелес. Таа живеела во Америка 10 години,а  потоа  се вратила во Босна, во Сараево каде што била селектор на босанската пливачка репрезентација и главен тренер на пливачкиот клуб “Босна”.

Во разговорот полека стигнавме и до нејзиниот денешен живот. Таа, речиси секој ден пешачи покрај кејот на Вардар и вели дека ако пропушти еден ден, се чуствува лошо. Ни кажа дека за појадок и е доволно да изеде една банана и едно јаболко. На нејзиното мени се е природно и според неа тоа е навика, па не советуваше и нас да имаме таков начин на исхрана. Таа не се навикнала на брзата храна, иако  живеела во Америка. Слободното време го поминува со своите пријателки и роднини и голем вљубеник е  во книгата. Кога ја запрашавме  каква  би била нејзината порака до денешната младина, таа ни кажа: “За мене е несфатливо да  легнувате во 01, 02 часот  и следното утро да станете рано и да бидете способни да одите на училиште и да го издржите сето тоа. Ако се занимавате со спорт, верувајте вие не ќе можете да останете будни толку долго, сакале или не, ќе легнете во 22 или во 2 3часот  многу изморени. Пораката до младите е да се откажат од тие доцни легнувања, да се занимаваат со спорт и со нешто што најмногу го сакаат во животот, со музиката или некоја друга уметност  или ова што вие го правите. Тоа мене ме воодушевува. Да бидете чесни, да си ја сакате својата земја и се што правите да биде во името на вашата земја и вашето семејство.”

На крајот од нашата средба, имавме чест да го посетиме нејзиниот дом, каде таа  како добра домаќинка ни ги покажа бројните пехари и дипломи што ги освоила во текот на својата спортска кариера. Имавме можност да разгледаме и некои весници, стари 40 години,  со големо внимание собирани и чувани  низ времето. Голема е збирката на статии што излегле во домашните и странските весници, а коишто се однесувале на нејзините успеси. Фотографиите и статиите ни помогнаа уште подобро да ја сфатиме големината на нејзината личност, да ја согледаме како  една храбра, успешна и издржлива жена- спортист. Тоа е Атина Бојаџи.
Да се препливаат темните води на Ла Манш е сон на секој маратонец.  Атинa Бојаџи го остварила тој сон. Ни беше чест што запознавме одблиску една таква македонска , но и светска пливачка ѕвезда.

No comments:

Post a Comment